Секој човек во животот се соочува со тешкотии и препреки. Тоа се оние периоди кога е обесхрабрен, исцрпен, несигурен, неволен и мисли дека се е свртено против него. Без разлика на тоа дали станува збор за загуба, разочарување или пораз во било која област од животот, болката и тагата не треба да се мерат ниту споредуваат. Секоја индивидуа доживува и преживува на свој начин. Најмалку потребни се приказни од типот како на другите им е потешко и дека постојат поголеми проблеми.
Ова е многу важно и кога си во прашање ти, односно кога пробуваш да си помогнеш себеси. Наместо прекори и критики, потребни ти се зборови кои ќе те охрабрат, ќе ти помогнат да станеш и ќе ти дадат нова сила да продолжиш понатаму.

Многу е важно овие реченици што следат да не ги користиш само кога ти е тешко и само во лоши периоди. Потруди се да ги користиш често, моја препорака е секој ден. Ќе приметиш како твојата самодоверба расте, а со тоа и вербата дека имаш сила да постигнеш сè што сакаш.
Од која причина не можам да бидам тоа јас?
Оваа реченица ќе ти ја промени перспективата кога се наоѓаш во лош период. Наместо да се запрашуваш зошто си во неволја или зошто си доживеал/а пораз, прашај се зошто ти не можеш да совладаш сè. Променувањето на размислувањето и согледувањето на ситуацијата од различни агли ти овозможува да ја препознаеш својата сила, способност и вредности. Ти имаш сè што ти треба за да ги совладаш предизвиците и да станеш најдобро ЈАС. Сети се на сите препреки кои досега си ги надминал/а и искористи ги како доказ за својата сила.Како можам да продолжам после оваа ситуација?
Погледни до каде имаш стигнато и што сè имаш постигнато. Дали некој ти помогнал во тоа или ти сам/а си го постигнал/а тоа? Ако имало помош и поддршка, кој ти ја пружил и на кој начин? Размисли што би можел/а понатаму да постигнеш сам/а или со нечија помош или поддршка? Ќе сватиш дека ништо не е срушено и имаш голема моќ и доволно сила за да го продолжиш патот кон својата цел.Она што мислам дека е можно – апсолутно е така!
Прочитај ја оваа реченица и увиди колку моќ содржи во неа. Ако она што мислиш е апсолутно точно, дали ти е важно што ќе мислиш и како ќе размислуваш? Пробај секој ден да веруваш во оваа реченица барем по 30 минути на ден. Ќе приметиш дека имаш голема моќ над своите мисли и дека си во состојба да ги стишиш стравовите и самокритиката. Зошто секогаш да не размислуваш така? Кога ги негуваш и практикуваш позитивните мисли, негативните лесно и брзо ќе ги занемариш, а тогаш негативното размислување, а со тоа и негативните случувања, ја губат битката.Сè се менува, ќе помине и ова.
Животот е полн со успони и падови. Секој пад е прилика за ново подигнување, а со самото тоа ќе станеш уште појак/а. Верувај во промени и знај дека тешката ситуација ќе помине, а од неа ќе излезеш помудра/ар и појак/а. Многу е важно кога ти е добро да бидеш благодарен/а и да не се откажуваш од личниот раст и развој.Тагата не е негативно чувство.
Секој човек поминува низ низа чувства и емоции, но не се сите проткаени со радост и среќа. Не е страшно кога поминуваш низ тага, вознемиреност, лутина, осаменост… Страшно е доколку ги усвоиш тие чувства и ги сфатиш како конечни. Како што си свесен/на дека не може постојано да сме среќни и радосни, освести дека и тагата ќе помине. Ако сакаш да ти биде полесно и да не се предадеш на очајот, можеш да си ги поставиш следниве прашања:- Што ми говори оваа ситуација за моите акции и резултати во овој момент?
- Што сакам да чувствувам наместо ова?
- Што ќе ми донесе новото чувство?
- Како ќе дојдам до тоа чувство
Доколку ги применуваш овие прашања, ќе научиш да владееш со своите емоции.
Овој неуспех ќе го претворам во скриен дар.
Неуспехот често е најдобар учител. Наместо да го гледаш како препрека, посматрај го како прилика за раст и развој. Секој неуспех во себе носи нова лекција која може да те доведе до нови успеси. На тебе е да ги препознаеш тие лекции и да ги искористиш за свое најголемо добро. Многу битно е да не ги мразиме и потиснуваме лошите ситуации. Наместо тоа, прифати ја сегашната ситуација без да ѝ дадеш шанса да расте.
Секој кој ќе помисли дека овие реченици немаат моќ сè уште не сретнал моќен тренер.
Мислите, чувствата и зборовите се тие кои можат да нè издигнат но исто така можат и да нè уназадат или постават препреки пред нас. На нас останува како ќе мислиме и делуваме. Не можам да кажам дека патот од негативното до позитивното е лесен, меѓутоа подобро е да почнеш полека отколку никогаш да не одиш напред. За сè постои тренинг па така и за нашите мисли. Запамти: позитивната мисла носи позитивен исход; негативните мисли носат само негативно и нè движат назад – на тебе е да одлучиш како ќе го исткаеш својот живот. Јас сум тука за да ти дадам алатки како да се промениш.