Можеш ако мислиш дека можеш – 4 начини да ја појачаш вербата во своите способности

Кога пред тебе е некој животен предизвик и постои ризик да доживееш неуспех, дали веднаш креваш раце и престануваш да се бориш за своите цели, или одиш до крај? Дали во твојата глава постои некој глас кој те бодри и ти говори да продолжиш и дека можеш да постигнеш сè што сакаш, или дозволуваш да те обземе сомнежот и го активираш својот внатрешен критичар? Дали издржуваш низ тешкотиите, верувајќи дека на другата страна има нешто подобро, или веднаш почнуваш да веруваш дека не си во состојба да постигнеш успех?

Ова се многу озбилни прашања и најважни кога се работи за самодоверба и верба во сопствените способности, а во суштина не сме свесни дека тоа е клучот до успех. Успехот не е само состојба која произлегува од нашите способности, туку е прашање на тоа колку ние веруваме дека сме способни.

Како возрасна и зрела личност, имаш голема одговорност према себе кога е во прашање остварување цели и постигнување лична среќа и задоволство. Размисли за сè во што веруваш, но и во она во што не веруваш. Прашај се зошто е тоа така, дали ти користи и што можеш да промениш за да ти биде подобро и да живееш посреќно и поисполнето. Затоа, почни да ја појачуваш вербата во себе и сопствените способности.

Во тоа ќе те поддржат и мотивираат следните совети:

1. Гради успех на успехот

Секоја успешна личност почнала на некој начин. Никој не постигнал голем успех лесно и одеднаш. Секој остварил нешто помало за да стигне до поголеми цели. Малите работи користи ги како темел за нешто поголемо. Појачај ја самодовербата и верувај во своите способности на основа на малите успеси. Анализирај ја секоја задача и предизвик кои си ги совладал/а. Забележи го процесот кој си го поминал/а, без оглед на тоа колку било тешко, но сепак си успеал/а.

Успех на успехот

2. Воочувај ја издржливоста на другите луѓе

Набљудувањето на другите како постигнуваат успех и ги остваруваат своите цели не мора да биде чин на љубомора и завист, ако тоа го правиш од прави причини и од добар агол. Кога ќе си кажеш себеси: „Ако можел тој/таа да успее, можам и јас“, тоа значи дека си свесен/а за сите препреки кои одредена личност ги совладала за да дојде до успех. Ако не знаеш, потруди се да дознаеш кој пат е потребен да го изодиш за да стигнеш до целта. Сигурна сум дека не било лесно и сигурно имало моменти кога самодовербата на таа личност била разнишана и ослабена. За тебе, најважно е да дознаеш зошто некој не се откажал на пола пат до целта. Што е тоа што го поткревало и му давало сила да продолжи? Одговорите ќе ти бидат од суштинска помош кога ќе помислиш дека сè е залудно и дека не си способен/на да ги оствариш целите кои си ги поставил/а.

3. Опкружи се со луѓе кои веруваат во твоите способности и успех

Опкружувањето е многу важно за полет и пад. Веројатно имаш забележано дека постојат луѓе кои веруваат дека ќе успееш и оние кои мислат дека нема да успееш. Оние кои веруваат во тебе, те опсипуваат со позитивна енергија и ти ја поткреваат самодовербата, која е клучна. Од друга страна, ги има и оние кои се сомневаат во сè што работиш, макар тоа да е она во кое си најдобар/а. Запрашај се кого ќе го пуштиш во својот живот и чии мислења ќе ги цениш и примиш. Ти одбираш кој ќе биде во твојот круг. Доколку чувствуваш дека и најблиските членови во твоето семејство не те поддржуваат доволно и влијаат негативно на тебе, едноставно стави им го тоа до знаење и занемари го нивното мислење.

4. Развивај ги своите психолошки одговори

Твоите реакции на одредени ситуации и околности резултираат со невидлив психолошки процес кој се случува многу брзо и мислиш дека немаш контрола. Емоционалната состојба во одредени моменти, нивото на стрес и расположение влијаат на твојата сигурност во себе и твоите способности. Кога свесно ќе се посветиш на својот личен раст и развој, со време ќе научиш како да го минимализираш стресот, да го поправиш своето расположение и како од некои ситуации да излезеш со позитивен исход. Ова ќе бидат вештини кои во исто време ќе ја појачуваат твојата верба во твоите способности. Најважно е да станеш свесен/на за твоите мисли, чувства, способности, сопствени емоционални реакции, нивните можности, но и граници.

Како да откриеш што можеш

Вербата во своите способности не е нешто што се постигнува преку ноќ и ни користи само неколку пати во животот. При постојано користење на овие совети и учење нови техники за зајакнување на самодовербата и вербата во себе, твоите способности ќе се зголемуваат и ќе ти отвораат нови патишта кон најдоброто ЈАС. Ќе чувствуваш спремност да секогаш можеш повеќе. Чувството дека можеш да оствариш сè што ќе замислиш и посакаш е бесценето. Затоа, вложи во себе и започни го твојот пат…

Издржливост
Scroll to Top